Европа разгледува можност за доброволни надоместоци за пловидба низ Ормутскиот Теснец

Европа разгледува можност за доброволни надоместоци за пловидба низ Ормутскиот Теснец

пред 6 часа

Европските земји разгледуваат предлози со кои би се овозможила наплата на надоместоци за навигациски услуги во Ормутскиот Теснец, но само доколку тие не бидат задолжителни и бидат поддржани од агенцијата на Обединетите нации задолжена за регулирање на поморскиот сообраќај.

Иницијативата доаѓа во период на зголемени тензии меѓу САД и Иран, а целта е да се најде долгорочно решение за управувањето со еден од најважните светски поморски коридори.

Британскиот вицепремиер Дејвид Лами изјави дека воведувањето задолжителни такси би било „катастрофално“, но дел од британската влада оценуваат дека системи за плаќање на конкретни навигациски услуги постојат и во други важни пловни патишта, како што се Малачкиот Теснец и Ла Манш.

САД бараат гаранции од Иран

Во исто време, американски официјални лица побараа од Техеран јавно да потврди дека Ормутскиот Теснец е отворен за сообраќај и дека ќе престанат нападите врз трговските бродови.

Вашингтон тврди дека Иран го прекршил меморандумот за разбирање потпишан пред три недели, со повторени напади врз комерцијални пловила во близина на теснецот.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека привремениот договор за прекин на огнот го смета за завршен, но најави дека САД ќе продолжат со разговорите за постигнување трајно решение.

Предлог-модел на Оман

Предлогот за управување со Ормутскиот Теснец го развил Оман во соработка со британски правни експерти, а Мускат понудил да испрати свои правници во Техеран за да го објаснат планот.

Оман, кој контролира значаен дел од водите во теснецот, се противи на задолжителни такси, но поддржува доброволни плаќања за навигациски услуги кои би ја зголемиле безбедноста на пловидбата.

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека посетата на министерот Абас Арагчи на Оман ќе биде посветена на прашањата поврзани со Ормутскиот Теснец и безбедноста на поморскиот сообраќај.

Поделби во Техеран

Регионалните земји се загрижени дека евентуалното давање пошироки овластувања на Иран врз теснецот би можело да создаде ризици за меѓународната пловидба.

Катар предупреди дека давањето суверенитет на Иран над теснецот спротивно на меѓународното поморско право би можело да доведе до ситуација во која земјите од регионот ќе бидат заложници на одлуките на радикални структури.

Според дипломатски извори, во Техеран постојат различни ставови околу идното управување со теснецот. Дел од иранските структури сакаат договор и соработка, додека други бараат поголема контрола врз пловидбата.

Дебата во Меѓународната поморска организација

На состанокот на Советот на Меѓународната поморска организација во Лондон, оманскиот претставник Камис бин Мохамед Ал Шамахи изјави дека меѓународното право не дозволува воведување транзитни такси за бродови кои минуваат низ Ормутскиот Теснец.

Сепак, тој додаде дека Оман гледа можност за доброволни аранжмани поврзани со навигациска поддршка, подобрување на безбедноста, заштита на морската околина и справување со итни ситуации.

Моделот се поврзува со начинот на управување со Малачкиот Теснец, каде доброволни придонеси од повеќе земји се користат за подобрување на безбедноста и заштитата на морскиот сообраќај.

Во позадина нови тензии меѓу САД и Иран

Дипломатските напори се одвиваат по неодамнешните вооружени судири меѓу Вашингтон и Техеран.

САД извршија напади врз ирански цели, додека Иран возврати со напади врз американски бази во регионот.

Главното несогласување се однесува на толкувањето на договорот меѓу двете земји. Вашингтон смета дека Иран треба да обезбеди слободна пловидба низ теснецот, додека иранските власти инсистираат на поголема контрола врз поморскиот сообраќај.

Во меѓувреме, САД ги повикуваат комерцијалните бродови да ја користат јужната рута низ теснецот, додека Иран порачува дека странски сили немаат место во Ормутскиот Теснец.

Текстот Европа разгледува можност за доброволни надоместоци за пловидба низ Ормутскиот Теснец е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top