Европската комисија планира една милијарда евра за Ковакс и 100 милиони евра за сиромашните земји

пред 4 години

Европската комисија планира да го удвои придонесот на Европската Унија во програмата Ковакс, така што износот наменет за испорака на вакцини против Ковид-19 во сиромашните земји, што ќе го доделат земјите членки, ќе се зголеми на една милијарда евра, јавува АП.

Според официјалниот претставник на ЕУ, кој анонимно разговарал со агенцијата, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, оваа одлука ќе ја објави денес за време на видеосостанокот на лидерите на Групата седум (Г7).

АП пренесува дека Фон дер Лајен исто така ќе најави дополнителни 100 милиони евра за поддршка на кампањите за вакцинација во Африка во партнерство со африканските центри за контрола и превенција на болести.

Покрај својот придонес преку Ковакс, ЕУ планира да сподели дел од своите вакцини со соседите во Европа и Африка.

Претседателката на ЕК редовно инсистира на тоа дека глобалната солидарност е потребна не само за да им се помогне на најсиромашните земји во светот, туку и за заштита на ЕУ, бидејќи смета дека никој не е безбеден сè додека сите не се безбедни во оваа пандемија, наведува агенцијата.

Share
Scroll to Top