Европската комисија предлага укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан

Европската комисија предлага укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан

пред 5 часа

Европската комисија предложи отворање преговори со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија за укинување на роаминг-надоместоците.

Како што беше соопштено, откако договорите ќе бидат финализирани и целосно усогласени со правилата на ЕУ за роаминг, нема да има дополнителни надоместоци за повици, СМС-пораки и користење мобилни податоци при патување во земјите на Европската унија.

Тоа ќе значи поврзаност по домашни цени не само за граѓаните и бизнисите од Западен Балкан кои патуваат во ЕУ, туку и за патниците од ЕУ кои доаѓаат во земјите од регионот.

Со усвојувањето на предлогот за преговарачки мандати, Комисијата бара од Советот на ЕУ одобрување за отворање преговори со земјите од Западен Балкан. По одлуката на Советот, Комисијата ќе преговара билатерални договори со секоја држава поединечно.

Предлогот има цел да ги надгради постојните доброволни договори меѓу мобилните оператори во ЕУ и Западен Балкан, кои веќе овозможуваат пониски роаминг-тарифи. Граѓаните од Западен Балкан веќе имаат намалени тарифи и при патувања во рамки на регионот, врз основа на регионалниот договор за роаминг.

Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека роаминг-надоместоците претставуваат проблем во регионот и дека „неочекуваните сметки при патување се нешто што во ЕУ повеќе не се прифаќа“, нагласувајќи дека целта е овој режим да се прошири и на Западен Балкан.

Текстот Европската комисија предлага укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top