Европска здравствена агенција: Делта вирусот ќе доминира во Европа ова лето

пред 4 години

Делта варијантата на коронавирусот, првпат откриена во Индија, значително ќе се прошири низ Европа во текот на летото, предупреди Европската здравствена агенција.

Делта варијантата е 40-60 проценти позаразна од алфа варијантата на вирусот, откриена за прв пат во Англија, објави Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) .

Европската агенција со седиште во Стокхолм очекува дека 70 проценти од новозаразените случаи во Европа ќе бидат поврзани со делта на почетокот на август.

До крајот на тој месец, процентот ќе биде 90 проценти, пренесува Ројтерс.

„Многу е веројатно дека варијантата делта ќе се прошири во текот на летото, особено кај помладата популација која не е приоритетна за вакцинација“, рече директорот на агенцијата, Андреа Амон.

„Ова може да претставува ризик за ранливите лица кои би можеле да се заразат и да доживеат тешка болест и смрт доколку не бидат целосно вакцинирани“, додаде таа во изјавата.

Научниците од Оксфорд ја анализирале стапката на реинфекција со оваа варијанта кај луѓето кои го прележале Ковид-19, а резултатите беа објавени минатата недела.

Инциденцата беше особено висока кај лица кои биле заразени со бета и гама варијанти, кои потекнуваат од Јужна Африка, односно Бразил.

Но, истражувањето на Оксфорд исто така покажа дека вакцините „Фајзер“ и „Астразенека“ се ефикасни против делта варијантата и обезбедуваат висока 90-процентна заштита од хоспитализација, пренесува Ројтерс.

Share
Scroll to Top