Еколошка катастрофа: 400 тони нафта излеани во близина на кинескиот брег при судир на брод и танкер

пред 4 години

Околу 400 тони нафта се излеани во Жолтото Море откако танкер се судри со друг брод во близина на најголемото кинеско пристаниште за сурова нафта претходно оваа недела, соопштија поморските власти.

„Количината нафта што се излеа од бродот во морето е околу 400 тони, а работата за итно отстранување се одвива без проблеми. Инцидентот не влијаеше на бродовите што влегуваа и излегуваа од пристаништето Џингдао”, објави на социјалните мрежи Управата за поморска безбедност на провинцијата Шандонг. Додадено е дека 12 бродови за деконтаминација се распоредени за чистење на нафтената дамка на околу 75 километри од пристаништето Џингдао во североисточна Кина.

Панамскиот товарен брод „Си Џастис“ во вторникот околу 9 часот удри во либерискиот танкер „А Симфони“ кај Џингдао, поради што танкерот изгубил одредена количина нафта. Нема повредени меѓу членовите на екипажот.

Неименуван службеник на управата за поморска безбедност за кинескиот државен весник „Глобал тајмс“ изјави дека товарот е означен како битуменска емулзија, но неговата специфична содржина бара дополнително испитување.

Бродската компанија „Гудвуд Шип менаџмент“ соопшти дека тесно соработува со Управата за поморска безбедност во операциите за расчистување и во истрагата на инцидентот. Претходно, компанијата соопшти дека слабата видливост го отежнува чистењето на истурената нафта.

„Силата на ударот на предната, левата страна на бродот ги оштети резервоарите со гориво и баластна вода и одредена количина нафта се истури во океанот“, соопшти компанијата. Агенцијата за поморска безбедност им наредила на бродовите во близина да бидат оддалечени најмалку 18,5 километри од местото на несреќата.

Share
Scroll to Top