Шри Ланка се соочува со епидемија на денга, откако бројот на потврдени случаи во 2026 година надмина 50.000, а досега починаа 29 лица, јавија локалните медиуми, повикувајќи се на здравствените власти.
Вршителот на должноста директор на Националната служба за контрола на денгата, Капила Кананагара, изјави дека во земјата дневно се регистрираат меѓу 600 и 700 нови случаи, што се должи на поволните временски услови, масовното размножување на комарците и недоволното учество на населението во превентивните активности, објави „Дејли мирор“.
Здравствените власти спроведоа специјална акција за контрола на денгата во 600 високоризични подрачја, идентификувани како жаришта за време на југозападниот монсун.
Акцијата беше насочена кон уништување на местата погодни за размножување на комарците преку организирани акции за чистење и кампањи за подигање на јавната свест, во кои учествуваа училишта, локални власти и државни институции.
Во текот на националната кампања беа откриени илјадници потенцијални жаришта за размножување на комарците.
Кананагара изрази очекување дека засилените превентивни мерки ќе придонесат за намалување на бројот на заразени во наредните недели, но ги повика граѓаните да продолжат со отстранување на застојаната вода околу домовите и да соработуваат со здравствените инспектори.
Шри Ланка и во изминатите години се соочуваше со големи епидемии на денга. Најтешката беше во 2017 година, кога беа регистрирани повеќе од 186.000 случаи и 440 смртни случаи.
Текстот Епидемија на денга во Шри Ланка, над 50.000 заразени од почетокот на годината е превземен од МАКФАКС.





