Русија денес објави дека како одговор на 20. пакет санкции на Европската Унија, ставила на „црната листа“ европски функционери вклучени во креирање „антируски политики“, објавува Анадолу.
Во соопштението на руското Министерство за надворешни работи се наведува дека на листата се вклучени европски функционери вклучени во обезбедување воена помош на Украина, дејствување против територијалниот интегритет на Русија, воведување антируски санкции, поткопување на надворешните односи на Русија и попречување на руската поморска пловидба.
На листата се ставени и политичари кои ги застапуваат идеите за гонење на руски функционери, воспоставување „трибунал“ против руското раководство и запленување на руски имот или профит од него.
Покрај тоа, министерството соопшти дека се воведени рестриктивни мерки и против граѓански активисти и академици од европските земји „кои имаат непријателски ставови кон Русија“, како и против членови на националните парламенти на земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент кои гласаа за антируски резолуции и закони.
„Деструктивната политика на Брисел не може да има никакво влијание врз насоката на надворешната политика на нашата земја. Русија беше и останува посветена на заштитата на своите национални интереси, гарантирањето на правата и слободите на своите граѓани и постојаното учество во обликувањето на праведен, мултиполарен светски поредок“, соопшти министерството.
На 23 април, Европската Унија официјално го усвои својот 20-ти пакет санкции против Русија, што претставува најголем сет на индивидуални листи во последните две години, со 120 нови ознаки насочени кон енергетскиот сектор, воено-индустрискиот комплекс и финансиските услуги, вклучително и криптовалутите.
Блокот од 27 члена, исто така, воведе забрани за трансакции на 20 руски банки, забрани услуги за руски танкери и мразокршачи за течен природен гас (LNG) и санкционираше дополнителни 46 бродови од таканаречената „флота во сенка“, со што вкупниот број на санкционирани бродови се искачи на 632.
фото/Depositphotos
Текстот ЕУ воведе нови санкции кон Русија, Москва возврати со „црна листа“ на функционери е превземен од МАКФАКС.




