Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен најави воведување на нова ознака на епидемиолошката карта на Европа, темно црвена зона од која пред да заминат патниците ќе треба да се тестираат, а по доаѓањето на определена дестинација, ќе мора да заминат во карантин.
„Темно црвената боја ќе означува области каде циркулацијата на вирусот е на исклучително високо ниво“, рече таа по Самитот на лидерите на ЕУ, кој беше посветен на координирање на мерките за борба против пандемијата на коронавирусите.
Обележувањето на епидемиолошките зони не зависи од националните граници. Фон дер Лајен го наведува како пример случајот ако во една земја-членка во пограничната област се затворат граиците, а во соседната област останат отворени иако е иста епидемиолошка состојба. „Во тој случај, сите од првата земја ќе одат на пазарување во втората и со тоа ќе придонесат за ширење на вирусот“, вели таа.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел рече дека лидерите на земјите-членки се согласуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за ограничување на патувањата, коишто не се неопходни.
„Убедени сме дека, кога станува збор за патувања коишто не се неопходни, треба да се земат предвид ограничувањата“, рече Мишел, додавајќи дека границите мора да останат отворени за нормално функционирање на единствениот пазар.
И Мишел и фон дер Лајен укажуваат на опасноста од мутација на вирусот, нови видови што се многу заразни. Затоа, постои договор за зголемување на секвенционирањето на геномот на Ковид-19 со цел навремено откривање на мутации на вирусот. Лидерите разговараа и за сертификатите за вакцинација. Мишел рече дека има договор за стандардизирани сертификати за медицински цели, но дека е рано да се зборува за нивната втора намена.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис предложи овие сертификати да служат како пасоши за заживување на туризмот.Мишел посочува дека е рано за тоа се додека не се вакцинира доволно голем број луѓе, бидејќи во спротивно би имало дискриминација на лица кои немале ниту можност да се вакцинираат.