ЕУ на 23 декември ќе донесе конечна одлука за вакцината на „Фајзер“

пред 3 години

Европската комисија и соопшти на германската влада дека 23 декември е крајниот рок за одлука за одобрување на вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“, откри денеска владин извор.

За да се дозволи вакцинација во 27-те земји-членки на Европската унија, потребно е одобрување од страна на Европската агенција за лекови (ЕМА).

„Европската комисија и потврди на германската влада дека 23 декември е новиот датум на одлука“, открил изворот.

Директорката на ЕМА, Емер Кук, во понеделникот објави дека одлуката за вакцината може да пристигне и пред 29 декември.

„Работиме нон стоп на одобрување на првата вакцина против Ковид-19“, изјави Кук пред новинарите, но додаде дека роковите постојано одново ќе се проценуваат.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан повика на забрзување на процесот. Велика Британија прва ја одобри вакцината изработена од фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бионтек“ и веќе им ја дава на своите жители, а САД вчера ја започнаа својата програма за вакцинација со истата оваа вакцина.

За разлика од САД и Велика Британија, Европската унија не издава одобренија за итни случаи за вакцинација, што значи дека постапката мора да се спроведе според вообичаената процедура.

Share
Scroll to Top