Железничка несреќа во близина на Мачу Пикчу: има загинати и повредени во судир меѓу два воза

Железничка несреќа во близина на Мачу Пикчу: има загинати и повредени во судир меѓу два воза

пред 3 часа

Машиновозач загина, а најмалку 40 лица се повредени во судир меѓу возови во близина на најпопуларната туристичка атракција во Перу, Мачу Пикчу, пишува Би-Би-Си.

Во соопштението од надлежните се истакнува дека 20 амбулантни возила се испратени на местото на несреќата и дека повредените се префрлени во здравствени установи во блискиот град Куско.

Американската амбасада во Перу објави дека во несреќата се повредени американски државјани, но полицијата сè уште не ги потврдила идентитетите на лицата вклучени во инцидентот.

Локалниот медиум Peru21 известува дека „стотици“ туристи сè уште престојуваат на местото на несреќата и чекаат евакуација, што е „тешко“ поради непристапниот терен околу местото на несреќата.

Најмалку 20 повредени се во сериозна состојба, изјави здравствен службеник за новинската агенција Ројтерс.

Судирот се случил на железничката пруга што ги поврзува станицата Олјантајтамбо и Агуас Калиентес, најблискиот град до Мачу Пикчу. Патувањето помеѓу овие две станици обично трае околу 90 минути.

„Длабоко жалиме за она што се случи“, се вели во соопштението на компанијата PeruRail, додавајќи дека нејзиниот персонал „веднаш“ им пружил прва помош на машиновозачот, кондуктерот и патниците вклучени во инцидентот.

Причината за несреќата сè уште е непозната.

Несреќата се случила во време кога постои тековен спор меѓу превозниците што вршат превоз до местото на светското наследство на УНЕСКО, бидејќи локалните заедници се незадоволни од, како што велат, недоволно транспарентниот процес на доделување концесии.

Возовите и автобусите што ги превезуваат туристите до античкиот град имаат високи цени и можат да бидат многу профитабилни поради ограничената пристапност на локацијата.

Текстот Железничка несреќа во близина на Мачу Пикчу: има загинати и повредени во судир меѓу два воза е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top