Забрана за употреба на дронови на протести во Франција

пред 3 години

Врховниот управен суд на Франција забрани употреба на беспилотни летала од страна на полицијата за известување за протестите во Париз.Така судот ја поддржа позицијата на групата за заштита на приватноста, пренесува Би-би-си.

Државниот совет рече дека началникот на полицијата во Париз треба да ја прекине употребата на беспилотни летала заради надгледување на јавните собири без одлагање. Одлуката беше донесена додека парламентот разгледува контроверзен закон за безбедност, кој вклучува употреба на беспилотни летала од страна на полицијата, а чија цел е регулирање на споделувањето на полициските снимки и фотографии.

Групата за приватност La Quadrature du Net (LQDN) тврди дека мерките предвидени со закон ја нарушуваат слободата на изразување и дека беспилотните летала опремени со камери не можат да обезбедат мир, туку да следат лица. Државниот совет донесе одлука дека „постои сериозно сомневање во законитоста“ за употребата на беспилотни летала без првично писмено одобрение.

LQDN наведува дека единствениот начин на кој владата може да ја легализира употребата на беспилотни летала е да обезбеди докази дека такво нешто е потребно за одржување на редот и мирот. Ова е втора одлука по ред во последните неколку месеци со која се спречува употребата на беспилотни летала од страна на полицијата во Париз. Истиот суд донесе одлука во мај дека беспилотните летала не можат да се користат за надгледување на почитувањето на мерките за карантин.

Членот 22 од законот за безбедност, кој моментално се наоѓа пред парламентот, предвидува дека на безбедносните сили ќе им биде дозволено да прават и да чуваат фотографии направени од камери на беспилотни летала, како дел од можната полициска истрага за 30 или повеќе дена. Контроверзниот закон ги поттикна протестите низ целата земја, а јавноста беше особено лута поради членот 24, кој забранува споделување фотографии на полицајци со цел „да му наштети на нивниот физички или психолошки интегритет“. Критичарите велат дека тоа придонесува за прикривање случаи на полициска бруталност.Владејачката партија на Макрон вети дека ќе го ревидира овој член од законот.

Share
Scroll to Top