Зеленски за „Билд“: Веќе немам солзи за плачење, чувствувам омраза кон Русија

пред 2 години

Само неколку часа по страшниот ракетен напад на железничката станица во украинскиот град Краматорск, во кој загинаа најмалку 50 цивили, Зеленски даде претходно договорено големо интервју за германски „Билд“.

„Не можам повеќе да плачам, не плачам веќе“, одговори Зеленски на прашањето на новинарот дали заплакува кога ќе се случи масакр како оној во Краматорск или во Буча, со стотици мртви.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, ја посети Украина на денот на нападот во Краматорск.

„Ова е нашиот воен живот. Денес беше трагично утро, пред толку важен состанок. Никогаш не можете да се навикнете на овие жртви“, коментира Зеленски.

Дали Зеленски ја мрази Русија?

„Да, чувствувам омраза кон Русија, кон руските војници. Кога ќе ги видам овие слики пред мои очи. Убиени деца без нозе, без раце. Тоа е гнев, тоа е страшно.

Како татко природно мислам на моите деца во такви моменти. Мислам на моменти како дипломирање или свадба, па помислувам на родителите на мртвите деца. Никогаш нема да ги доживеат тие моменти со своите деца. Секако дека се лутам во вакви моменти“.

Дали се плаши дека може да се откријат уште многу злосторства во украинските места?

„Што се случува во селата на југот, како Керсон, Запорожје и на исток – не знаеме. Многу градови се едноставно целосно уништени. Нема куќи, нема луѓе – не знам што ќе најдеме таму“.

Најлошото нешто што Зеленски го слушнал во последните неколку дена?

„Билд„ пишува дека еден шеф на европската влада побарал од Зеленски да му докаже дека злосторствата во Буча не биле исценирани. Зеленски не сакаше да открие за кого станува збор, но потврди дека во неколку наврати му побарал докази.

Дали ја обвинува Германија за одложувањето на санкциите?

„Да, некои земји, Германија е една од нив, се против ембаргото за нафта и гас. Мило ми е што петтиот пакет санкции на ЕУ вклучува ембарго на јаглен и дрво.

Германија не нè поддржа со оружје. Германија отворено кажа дека нема да бидеме членка на НАТО. Но, ако сме искрени: германската реторика е променета. Германија е конзервативна и студена, но сега има придвижување“.

Може ли Зеленски да седне на маса со Путин?

„Денес Украина нема друг избор освен да седне на преговарачка маса. Но, ниту една друга сила во Русија нема моќ да ја запре оваа војна. Тој сам одлучува кога ќе заврши оваа војна“.

Што гледа кога ги затвора очите ноќе?

„Не гледам ништо. Многу е тешко да се заспие. Не можам да се сетам кога последен пат добро спиев“.

Share
Scroll to Top