Украинскиот претседател Володимир Зеленски смета дека најреалниот период за постигнување дипломатско решение и завршување на руската војна против Украина е од крајот на 2026 година до летото 2027 година.
Зборувајќи во Киев на свеченоста по повод Денот на државното знаме, Зеленски рече дека Москва и Киев и натаму имаат спротивставени позиции, особено околу прашањето за повлекување на украинските сили од Донбас.
„Веруваме дека ова е најактивната фаза во која дипломатијата може да доведе до крај на војната. Тоа е крајот на оваа година и крајот на летото 2027 година“, изјави Зеленски.
Како една од опциите за прекин на огнот за кои Украина разговара со САД и европските партнери, тој го наведе заемното повлекување на силите и создавање тампон-зона, односно „слободна економска зона“ под управување на трета страна.
Зеленски додаде дека Украина е подготвена да разговара и за заемно запирање на нападите врз енергетската и земјоделската инфраструктура.
Украинскиот претседател истовремено предупреди на сериозен недостиг во одбранбениот буџет. Според него, на Украина ѝ недостигаат 27 милијарди долари, а за покривање на потребите до почетокот на 2027 година неопходни се меѓу осум и 10 милијарди долари однапред.
Дополнителни речиси 20 милијарди долари, според Зеленски, се потребни за воените плати, надоместоците за семејствата на загинатите војници и други трошоци.
Зеленски рече и дека Украина сè уште нема започнато масовно производство на сопствени балистички ракети поради технички проблеми, но дека две компании работат на програмата.
„Кога ќе има масовно производство, тогаш ќе можеме да му зададеме болни удари на непријателот како одговор на нивниот терор“, рече тој.
Украина, според Зеленски, би можела заедно со американскиот „Рејтеон“ да започне производство на ракети за системот за противвоздушна одбрана „Патриот“. Американската компанија веќе одржала почетен технички состанок со украински претставници, а украинската одбранбена компанија „Фајр Поинт“ е избрана за партнер во проектот.
Киев очекува во следните недели проценка за временската рамка и изводливоста на производството.
Зеленски најави и испорака на француски радари и системи SAMP/T за противвоздушна одбрана наесен, како и потпишување договор за дополнителни ракети „Астер 30“ во септември.
Тој рече и дека Украина постигнала договор со германскиот канцелар Фридрих Мерц за испорака на 600 ракети PAC-2 за системите „Патриот“ во периодот 2027-2028 година.
Според Зеленски, на Украина ѝ се потребни околу 360 ракети „Патриот“ за зимскиот период, додека годишното глобално производство изнесува околу 600 ракети.
Украинскиот претседател се осврна и на односите со Илон Маск, велејќи дека основачот на „СпејсЕкс“ го одбил барањето на Киев за користење на сателитската комуникација „Старлинк“ над руска територија за одбранбени цели. Сепак, Зеленски рече дека сега добива охрабрувачки сигнали од тимот на Маск и дека Украина продолжува да бара решение.
Тој потврди и дека украинските сили намерно ги гаѓале складиштата на „Wildberries“, најголемиот руски онлајн трговец.
„Зошто го гаѓаме Wildberries? Затоа што таму има и снабдување со воена опрема и многу пари“, рече Зеленски.
Во однос на домашната политика, украинскиот претседател отфрли можност за одржување избори додека трае војната, оценувајќи дека избори во такви услови би биле „цунами за државата“ и би можеле дополнително да ја поделат Украина.
Зеленски истовремено порача дека антикорупциските институции треба да дејствуваат независно.
Осврнувајќи се на истрагата во која се опфатени високи функционери од претседателската администрација, тој рече дека постојат доволно причини за разрешување на заменик-шефицата на претседателскиот кабинет, Ирина Мудра, откако во нејзините простории биле извршени претреси.
Текстот Зеленски: Најреален период за крај на војната е до следното лето е превземен од МАКФАКС.





