Израелски судии препорачаа отфрлање на обвинението за поткуп против Нетанјаху

Израелски судии препорачаа отфрлање на обвинението за поткуп против Нетанјаху

пред 4 часа

Израелските судии му препорачаа на обвинителството да го повлече обвинението за поткуп во еден од трите долготрајни судски процеси против премиерот Бенјамин Нетанјаху. Тие исто така предложија преиспитување на вториот случај, во кој тој е обвинет за нудење услуги во замена за поволно медиумско известување, пренесува Ројтерс.

Во 2019 година, Нетанјаху беше обвинет за поткуп, измама и злоупотреба на довербата. Тој ги негира сите обвиненија и се изјасни за невин. Судењето, кое опфаќа три кривични предмети, започна во 2020 година. Во постапката позната како „Случај 4000“, обвинителите тврдат дека Нетанјаху ѝ овозможил регулаторни поволности во вредност од приближно 1,8 милијарди шекели – околу 457,2 милиони евра – на компанијата „Bezeq Telecom Israel“.

Обвинителството тврди дека, за возврат, Нетанјаху барал поволно медиумско известување за себе и за неговата сопруга Сара, на информативен портал контролиран од тогашниот претседател на „Безек“, Шаул Елович. Елович ги негираше сите обвиненија.

За време на рочиштето во средата, судијката Ривка Фридман-Фелдман од Окружниот суд во Ерусалим, која претседава со случајот, ѝ укажа на јавната обвинителка Гали Бахарав-Миара дека осудителна пресуда е малку веројатна и дека обвинителството би требало да го повлече случајот. Судот појасни дека оваа препорака не претставува конечна пресуда, а Бахарав-Миара изјави дека ќе разговара за ставот на судот со својот обвинителски тим.

Доведен во прашање и вториот случај.

Судиите исто така им препорачаа на обвинителите повторно да го разгледаат таканаречениот „Случај 2000“, бидејќи се сомневаат дали постапките на Нетанјаху во тој случај воопшто претставуваат кривично дело. Во овој предмет, обвинителите тврдат дека Нетанјаху преговарал со Арнон Мозес, сопственикот на весникот Yedioth Ahronoth, за поповолно известување во замена за донесување закон што би го забавил растот на еден конкурентен весник.

Нетанјаху ја опиша препораката на судот како „зрачење светлина за вистината и правдата“.

„Десет години страдање за десетици мои блиски соработници и пријатели, кои беа влечени во простории за испрашување“, изјави Нетанјаху во своето обраќање преку телевизија. Таму беа уценувани и понижувани – а на многумина им беа уништени животите – сè со цел да бидат принудени да дадат лажен исказ против мене.

Текстот Израелски судии препорачаа отфрлање на обвинението за поткуп против Нетанјаху е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top