„Или лажат или се глупави“, Шварценегер со остри критики за светските лидери околу климатските промени

пред 3 години

Актерот и политичар Арнолд Шварценегер изјави дека светските лидери кои тврдат дека борбата против климатските промени има штетно влијание врз економијата се или „глупави или лажливци“.

Во пресрет на самитот за климата, поранешниот гувернер на Калифорнија изјави за Би-Би-Си дека намалувањето на штетните гасови може да има добро влијание врз светската економија.

Шварценегер зборуваше и за загадувањето предизвикано од меѓународната трговија. Тој, како што пишуваат медиумите, истакнал дека континуираниот економски успех на Калифорнија докажува дека намалувањето на јаглеродот и зголемувањето на богатството одат рака под рака.

„Тие се лажговци, тие се глупави. Или не знаат како да го спроведат тоа“ кажал тој.

Шварценегер стана борец за чист воздух и обновлива енергија додека беше гувернер од 2003-2011 година, поставувајќи ја целта за намалување на емисиите на издувни гасови и ефектот на стаклена градина. Бидејќи повеќе не е гувернер, Шварценегер ја користи својата слава и влијание за да ја промовира борбата за намалување на штетните гасови, анализираат медиумите.

Актерот познат по улогата во филмскиот серијал „Терминатор“ истакна и дека намалувањето на внесот на месо не значи да се жртвува нешто, всушност станал поздрав бидејќи јаде помалку месни производи.

„Бидејќи јадам повеќе зеленчук и растителна храна, докторот ми рече дека артериите престанале да се стеснуваат. Како се откажав од некои работи? Се грижев за мојата здравствена состојба и тоа ми го продолжи животот за две години“, изјави тој.

Шварценегер исто така смета дека технологијата носи решенија и вели дека од возење „Хамер“ преминал на електрично возило кое е побрзо и има повеќе коњски сили.

Share
Scroll to Top