„Имате рок до крајот на денот“: Европа ѝ постави ултиматум на Русија, пристигна експресен одговор од Москва

„Имате рок до крајот на денот“: Европа ѝ постави ултиматум на Русија, пристигна експресен одговор од Москва

пред 4 часа

Европските земји се подготвуваат да воведат нови санкции кон Русија доколку Москва не почне да го почитува предложеното 30 дневно примирје во војната против Украина до крајот на денешниот ден, објави денес германската влада.

Портпаролот на германската влада на прес-конференција во Берлин изјави дека „часовникот отчукува“ за Русија и дека е време да се покаже сериозност во врска со мирот.

Заканата со санкции доаѓа во време на интензивирање на дипломатскиот притисок од Брисел, Берлин и Париз, а се очекува дека меѓу мерките би можело да биде и прекинувањето на гасоводот „Северен тек 2“, што го објави претходно денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во разговор со германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Сепак, од Москва брзо дојде остар одговор. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека „јазикот на ултиматумот е неприфатлив за Русија“ и дека „не е можно да се разговара со Русија на тој начин“. Песков потсети дека ова е второ предупредување од Европа за само неколку дена, нарекувајќи го тонот на пораката „ултимативен и недипломатски“.

Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин предложи одржување директни преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул на 15 мај, без претходни услови. Портпаролот Песков го опиша предлогот како „сериозен сигнал за мировна намера“, нагласувајќи дека целта на Москва останува да постигне траен мир и да ги реши „коренските причини за конфликтот“, а воедно да ги зачува интересите на Руската Федерација.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори позитивно на предлогот на Путин, изразувајќи подготвеност лично да се сретне со рускиот лидер. Доколку средбата се одржи, тоа би бил нивниот прв состанок од декември 2019 година. Сепак, Кремљ сè уште официјално не одговорил на согласноста на Украина.

За време на нивната посета на Киев во саботата, лидерите на Франција, Германија, Велика Британија и Полска упатија заеднички повик до Русија за безусловно примирје, нагласувајќи дека мирот во Украина е од суштинско значење за стабилноста на Европа.

Сепак, на терен насилството не стивнува. Украинската војска соопшти дека во текот на претходниот ден, Русија извршила десетици напади по должината на источниот фронт, вклучувајќи повеќе од 100 напади со беспилотни летала преку ноќ.

И покрај предлогот за преговори, фактот дека Русија не се согласи на моментален прекин на огнот ги наведува европските лидери сè посериозно да разгледуваат дополнителни мерки за притисок. Брисел вели дека подготвеноста на Русија за компромис е клучна за избегнување на нов пакет санкции, што би можело дополнително да влијае на рускиот енергетски и финансиски сектор.

Текстот „Имате рок до крајот на денот“: Европа ѝ постави ултиматум на Русија, пристигна експресен одговор од Москва е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top