Болниците во Делхи утрово издадоа предупредување за итни случаи, велејќи дека им преостанале само неколку часови за снабдување со кислород, бидејќи уште еден страшен бран со Ковид-19 го погоди здравствениот систем во поголемите индиски градови.
Вработените во болниците вчера и денеска објавија алармантни пораки на социјалните мрежи, во кои се наведува дека тие не се во можност да се справат со барањата на пациентите и бараат помош од владата, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Индија објави најголемо дневно зголемување на заразени случаи од Ковид-19 во светот денеска втор ден по ред, откако регистрираше 332.730 новозразени случаи со коронавирус и 2.263 смртни случаи, бидејќи, како што беше објавено, пандемијата е излезена од контрола.
Ројтерс известува дека, во услови на недостиг на кислород, вооружени полициски сили биле распоредени дури и пред централата за производство на медицински кислород, со цел да се обезбеди безбедност.
Неколку болници, вклучувајќи ја и болницата Шанти Муканд во западен Њу Делхи, со 110 пациенти заразени со Ковид, изјавија дека речиси е потрошено снабдувањето со кислород.
Извршниот директор на таа болница, претходно низ солзи изјави, дека ќе отпушти некои пациенти, поради недостаток на кислород, и бидејќи во болницата нема ништо што, како што рече, би можело да им помогне.