Претседателот на Иран следната недела ќе ја посети Саудиска Арабија. Ебрахим Раиси ќе учествува на самитот на Организацијата за исламска соработка, објави иранскиот сајт Етемад.
ОИС е организација од 57 земји-членки која себеси се нарекува „колективен глас на муслиманскиот свет“.
Во текот на изминатата година, Иран и Саудиска Арабија повторно ги воспоставија односите по долгогодишно непријателство што ја загрозуваше регионалната стабилност во Заливот, како и во Јемен, Сирија и Либан.
Саудиска Арабија ги прекина односите со Иран во 2016 година, откако демонстрантите ја нападнаа нејзината амбасада во Техеран како одмазда за егзекуцијата на истакнат шиитски свештеник во Саудиска Арабија.
Кралството, исто така, го обвини Иран за ракетни напади и напади со беспилотни летала врз нејзините нафтени постројки во 2019 година, како и напади врз танкери во водите на Заливот – наводи кои Иран ги негираше.
Но, во јуни, Иран официјално ја отвори својата амбасада во Саудиска Арабија откако Кина посредуваше за договор за обновување на дипломатските односи и договор за политика на немешање во внатрешните работи на секоја земја.
Министрите за надворешни работи на двете земји се состанаа во август, а иранскиот министер Хосеин Амирабдолахиан рече дека постигнуваат напредок во подобрувањето на односите.
Текстот Иранскиот претседател оди во посета на Саудиска Арабија е превземен од МАКФАКС.