Иран ги обвинува Соединетите Aмерикански Држави за прекин на нуклеарните преговори

пред 2 години

Соединетите Американски Држави се одговорни за прекин на разговорите меѓу Техеран и светските сили во Виена за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи.

„Америка е одговорна за прекинот на овие преговори“, рече Саид Хатибзаде на прес-конференција, пренесуваат агенциите.

„Вашингтон треба да донесе политичка одлука за заживување на договорот“, рече тој, додавајќи дека Техеран нема да чека вечно.

Од Американскиот Стејт департмент изјавија дека остануваат неколку отворени прашања во нуклеарните разговори, додавајќи дека на Техеран е одговорноста да носи одлуки.

Техеран исто така бара гаранции дека ниту еден иден претседател на САД нема да се повлече од договорот. Друго нерешено прашање е степенот до кој би биле укинати санкциите.

Хатибзаде рече дека Техеран е подготвен да ги продолжи разговорите со својот клучен регионален ривал, Саудиска Арабија, доколку Ријад покаже подготвеност да ги реши отворените билатерални прашања.

Барањето на Русија ги принуди светските сили да ги паузираат нуклеарните преговори на почетокот на март. Но, Москва подоцна рече дека има гаранции дека нејзината трговија со Иран нема да биде засегната од санкциите поврзани со Украина, сугерирајќи дека може да дозволи продолжување на преговорите.

Share
Scroll to Top