Иран до САД: Нема да има преговори ако продолжат заканите, почитувајте го вашиот потпис

Иран до САД: Нема да има преговори ако продолжат заканите, почитувајте го вашиот потпис

пред 7 часа

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека преговорите за конечен договор нема да започнат ако „заканите продолжат“, повикувајќи се на став 13 од меморандумот за разбирање потпишан со САД минатиот месец, објави Анадолија.

„Став 13 од меморандумот за разбирање е јасен: Преговорите за конечен договор нема да започнат ако заканите продолжат. Почитувајте го вашиот потпис“, напиша Арагчи на социјалната мрежа Икс.

Меморандумот за разбирање, постигнат во Исламабад меѓу Вашингтон и Техеран, а посредник беше Пакистан, стапи во сила на 18 јуни откако беше електронски потпишан од иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и американскиот претседател Доналд Трамп.

Спогодбата од 14 точки започна 60-дневен период на дипломатија преку индиректни разговори меѓу Иран и САД со цел постигнување траен мировен договор.

Трамп се заканува со воена сила
Коментарите на Арагчи дојдоа неколку часа откако Трамп предупреди дека Вашингтон е подготвен да употреби воена сила ако дипломатијата не успее, инсистирајќи дека Техеран никогаш не смее да се здобие со нуклеарно оружје.

„Или ќе склучиме договор или ќе ја завршиме работата. И нема да биде тешко да се заврши работата. Подобро би склучил договор, бидејќи не сакам да влијаам на 91 милион луѓе“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.

Израелски закани кон иранското раководство
Коментарите дојдоа еден ден откако израелскиот министер за одбрана Израел Кац се закани дека Израел ќе го „спречи“ секој иден ирански лидер кој ќе се обиде да ја нападне неговата земја.

Арагчи сподели фотографии од масовниот собир во Техеран за погребната поворка на убиениот ирански врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен на 28 февруари, првиот ден од американско-израелската војна против Иран.

Текстот Иран до САД: Нема да има преговори ако продолжат заканите, почитувајте го вашиот потпис е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top