Висок ирански функционер во вторникот изјави за Ројтерс дека Иран би можел повторно да го отвори Ормускиот теснец во рок од неколку дена доколку САД ја укинат блокадата, опишувајќи го Генералното собрание на Обединетите нации како „златна можност“ за обновување на дипломатијата со Вашингтон.
Американскиот претседател Доналд Трамп и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ќе присуствуваат на Генералното собрание на ОН во Њујорк, што ќе биде првпат тие да се најдат на истиот настан откако Трамп ја започна операцијата „Епски бес“ против Иран во февруари.
Иранскиот функционер наведе дека иранската делегација има целосни овластувања да ги продолжи преговорите, иако не се планирани директни средби меѓу двајцата претседатели.
Немало директни контакти меѓу Иран и САД уште од јули, кога привремениот договор за ставање крај на војната пропадна само неколку недели откако Трамп и Пезешкијан го потпишаа.
„САД треба да објават дека сакаат да го решат прашањето по дипломатски пат, тоа да го официјализираат, а потоа да се договорат за временска рамка за натамошно одвивање на процесот“, рече иранскиот функционер.
„Генералното собрание на ОН претставува златна можност за САД да се вратат кон дипломатијата“, рече тој.
Тој додаде дека Иран го испратил својот најнов предлог до Вашингтон преку посредници на 16 септември.
Текстот Иран: Можеме повторно да го отвориме Ормускиот теснец; ова е златна можност е превземен од МАКФАКС.




