Високиот ирански функционер Мохсен Резаеи изјави дека во моментов не се водат преговори меѓу Техеран и Вашингтон. Оваа информација ја соопшти советникот на иранскиот врховен лидер во интервју за телевизијата „Ал-Мајадин“, пренесува Ројтерс.
Иран инсистира САД да исполнат седум услови утврдени во привремениот договор постигнат во јуни. Според Техеран, ова е предуслов за повторно отворање на Ормускиот теснец и за продолжување на преговорите. Резаеи наведе дека Иран побарал јасен и недвосмислен одговор од САД во врска со овие услови, но сè уште нема добиено таков. Тој додаде дека верува оти Вашингтон можеби ќе даде одговор во иднина.
Привремениот договор меѓу САД и Иран, потпишан на 17 јуни, брзо пропадна поради несогласувања околу Ормускиот теснец. На 7 јули, Трамп објави дека договорот е прекинат, додека една недела подоцна, Иран соопшти дека го суспендирал договорот.
Меѓу барањата на Иран се укинување на американската поморска блокада, отстранување на санкциите врз иранската нафта, одмрзнување на иранските средства и прекин на воените операции. На почетокот на ноември, Иран изјави дека би можел да го отвори Ормускиот теснец во рок од два дена, доколку Вашингтон ги прифати неговите услови.
Минатата недела, Катар изнесе нов предлог според кој САД би ја укинале поморската блокада и би одмрзнале дел од иранските средства. За возврат, Иран би им овозможил на меѓународните нуклеарни инспектори пристап до бомбардираните постројки и би го отворил Ормускиот теснец.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се сретна со катарските посредници. По состанокот, тој ја минимизираше веројатноста за избувнување голема војна во блиска иднина, но потврди дека сè уште не го прифаќа тековниот план на Иран за примирје.
Текстот Иран нема да го отвори Ормускиот теснец сè додека САД не ги исполнат неговите услови е превземен од МАКФАКС.





