Вооруженото крило на палестинската група Исламски џихад во Газа објави видео на кое се гледаат двајца заложници киднапирани по нападот врз Израел на 7 октомври.
„Би-Би-Си“ објави дека ја добиле снимката, но нема да ја прикажат бидејќи затворениците и заложниците се заштитени со меѓународното хуманитарно право. Опишано е дека видеото почнува со постара жена на 70-годишна возраст која седи на инвалидска количка, а потоа е снимено и дете. Двајцата на видеото го обвинуваат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ја предизвикал војната.
„Тајмс оф Израел“ пишува дека речиси е сигурно оти содржината на ова и на други слични видеа е диктирана од киднаперите и станува збор за обиди за психолошка војна.
Исламски џихад соопштува дека е подготвен да ги ослободи двете лица од хуманитарни и медицински причини доколку се исполнат соодветните услови, но нема повеќе детали.
Текстот Исламски џихад објави видео со двајца израелски заложници е превземен од МАКФАКС.