Италијански професор: Со порана вакцинација ќе избегневме илјадници жртви

пред 3 години

Благодарение на вакцинацијата против Ковид-19 во Италија, во првите два месеца од годинава беа избегнати 4.000 смртни случаи, а ако масовната имунизација започнеше порано, ќе беа спасени дури 12.000 жртви, тврди професорот Матео Вила, пишува „Хафингтон пост“.

Италија е единствената земја во Европската Унија во која на почетокот на оваа година, и покрај вакцинацијата, бројот на починати од Ковид-19 се зголеми од 38 на милион жители во февруари, на 43 на милион жители во март.

Вила, кој ја следи, анализира и прогнозира епидемиолошката состојба за потребите на Институтот за меѓународна политика, потсетува дека дневниот број на починати од коронавирус во Италија е околу 400 во последните неколку недели и дека е извршена поширока вакцинација.

Тој исто така тврди дека масовната кампања за вакцинација што започна со имунизација на здравствениот персонал е погрешно поставена и дека на почетокот требало да им се даде приоритет на луѓето над 80 години, како што тоа го сторија некои други европски земји.

Исто така, одложувањето на целосното затворање за време на вториот и третиот бран на пандемијата предизвика зголемување на жртвите на Ковид-19, тврди Вила.

Според него, со ширењето на вакцинацијата, сè помалку ќе има затворање, односно потреба за карантин, но засега е важно веднаш и без одлагање да се воведат ограничувања, штом бројките покажат дека Ковид-19 се шири повторно.

Share
Scroll to Top