Кавалери од ЕМА реагира дека погрешно е цитиран: „Вакцината на ‘Астразенека’ е добра за сите возрасти“

пред 4 години

Марко Кавалери, шеф на работната група за коронавирус во Европската агенција за лекови, рече дека вакцината „Астразенека“ има далеку поголема корист од ризици за сите возрасни групи, особено за луѓето постари од 60 години.

Италијанскиот весник „Ла Стампа“ претходно го цитираше Кавалери, кој, наводно, рекол дека вакцината на „Астразенека“ треба да се избегнува за лица постари од 60 години, поради страв од ретки случаи на згрутчување на крвта.

„За жал, моите зборови не беа добро интерпретирани во интервјуто за ‘Ла Стампа’. Вакцината на ‘Астразенека’ има многу повеќе придобивки отколку ризици за луѓето од сите возрасти, а особено за луѓето постари од 60 години“, изјави Кавалери за „Ројтерс“.

Позицијата на Европската агенција за лекови е дека вакцината на „Астразенека“ е безбедна и може да ја користат граѓани постари од 18 години, објави „Ројтерс“.

Сепак, неколку членки на ЕУ, како и Македонија, престанаа да ја даваат вакцината на одредени возрасни групи, поради ретки случаи на згрутчување на крвта.

„Ла Стампа“ го смени насловот на статијата на својата веб-страница и додаде објаснување. Главниот уредник на италијанскиот весник, Масимо Џанини, немаше коментар, додава „Ројтерс“.

Share
Scroll to Top