Каде погрешија Трамп и Белата куќа – четири клучни грешки

пред 4 години

Кога и по која сртедба или настан, претседателот на САД Доналд Трамп се зарази со коронавирус, се поставува прашањето кои клучни правила за сузбивање на заразата ги прекршила Белата куќа.
Би-би-си ги следеше мерките и препораките на американскиот Центар за контрола и превенција на болести и начинот на кој ги следела истите Белата куќа.

Едното од основните правила за кое веќе половина година зборува светската јавност е носењето заштитни маски, особено во јавност, односно во близина на други луѓе. Ова воедно е и првото правило кое не го испочитувале Белата куќа и администрацијата на Трамп. Американскиот претседател е критикуван повеќепати поради не почитување на правилата за носење маски, а на една од последните свечености во Белата куќа речиси никој од присутните не носел маска.

Набрзо откако излезе од болница, каде се лекуваше од Ковид-19, Трамп повторно се најде на критики во јавноста бидејќи ја извади маската веднаш штом влезе во Белата куќа, иако повеќето експерти тврдат дека тој инатаму може да ја пренесе заразата.

Друга мерка е организаторите на настани да овозможат на присутните да држат дистанца од два метри, како и нужните собири да се одржуваат на отворен простор.

Белата куќа го прекрши и ова правило за време на неодамнешната свеченост на именувањето на судијката на Врховниот суд на САД, Ејми Конеј Барет. Фотографии кои кружат во јавноста, покажуваат дека никој внатре во Белата куќа не ги почитува правилата за дистанца и носење маски.

Ако сте позитивни на Ковид-19, препораките велат да се самоизолирате од другите луѓе. Сепак, Трамп додека се лекуваше во болница, излезе за да се провози, при што десетина лица изложи на ризик од заболување.

Исто така, важно е луѓето кои се заразени да ги информираат сите оние со кои биле во близок контакт, за да можат навреме да спречат ширење на заразата. Не е јасно колку близу биле Трамп и Џо Бајден за време на дебатата, но тимот на Бајден, како и тој лично, не се информирани за дијагнозата на Трамп.

Исто така никој од Белата куќа не информирал лица со кои заразените членови од администрацијата на Трамп биле во контакт.

Share
Scroll to Top