Апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор го изненади светот, но зад сцената високи службеници на полицијата на Темз Вали со денови методично ја планирале операцијата. По проценка на пријавата за злоупотреба на положба и разгледување на доказите, истражител побарал налог за претрес, пишува „Телеграф“.
Истражителите требало да го убедат судијата дека е неопходно да се изврши претрес во поранешниот дом на Ендрју во Виндзор и во неговиот сегашен дом на имотот Сандрингем. По добивањето на судско одобрение, биле испланирани претресот и апсењето, при што сите детали биле чувани во тајност. Според наводите, ниту Бакингемската палата ниту кралот биле однапред известени.
Во операцијата учествувале околу 20 службеници од полицијата на Темз Вали, со поддршка од полицијата во Норфолк. Тие патувале околу 200 километри од Кидлингтон во Оксфордшир до селото Вулвертон на имотот Сандрингем. Конвој неозначени полициски возила пристигнал нешто по 8 часот наутро.
Според поранешен полициски службеник, детективите вклучени во „доверливата операција“ веројатно не ги знаеле сите детали однапред. Тимот бил повикан рано наутро, а можно е да ги предале мобилните телефони пред да ги добијат конечните инструкции.
Службеникот кој го уапсил му го прочитал стандардното предупредување: „Не сте должни ништо да кажете. Меѓутоа, може да ви наштети во одбраната ако при испитувањето не споменете нешто на што подоцна ќе се повикате на суд.“
Потоа бил однесен во Оксфордшир на службено испрашување. Во притвор бил регистриран од дежурен наредник, кој потврдил дека причините за апсењето се законити.
Како и секој друг притвореник, бил претресен и му биле одземени телефонот, накитот, часовникот, ременот и вратоврската. Веројатно била направена и проценка на ризик за евентуални здравствени проблеми.
Му биле појаснети неговите права, вклучително правото на бесплатна правна помош и право да извести некого за апсењето. Вообичаено, притворениците се фотографираат и им се земаат отпечатоци од прсти пред да бидат сместени во ќелија.
Според поранешни полицајци, ќелиите се минималистички, со тоалет одвоен со преграда и душек поставен над подот. Му било дозволено да разговара со својот адвокат пред испрашувањето.
Испрашувањата може да се одвиваат во повеќе фази. Се смета дека не му биле ставени лисици, бидејќи нема историја на насилно однесување ниту ризик од бегство.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Текстот Како полицијата го испланира и спроведе апсењето на поранешниот принц Ендрју е превземен од МАКФАКС.






