Како функционира изборниот систем во Србија: Граѓаните избираат 250 пратеници, а мандатите се распределуваат пропорционално

Како функционира изборниот систем во Србија: Граѓаните избираат 250 пратеници, а мандатите се распределуваат пропорционално

пред 3 часа

🔴Најновите вести за изборите во Србија следете ги ОВДЕ.

Србија на 25 октомври одржува предвремени парламентарни избори на кои граѓаните избираат нов состав на Народното собрание, а за првпат на изборите учествува и студентското движење кое со месеци ги предводеше масовните протести низ земјата. Изборите може да донесат нов пресврт на политичката сцена, а гласањето се спроведува според пропорционален изборен систем, во кој граѓаните гласаат за изборни листи, а не за поединечни кандидати.

Што избираат граѓаните?

На парламентарните избори се избираат 250 пратеници во Народното собрание на Србија. Политичката партија или коалиција што ќе освои најмалку 126 мандати може самостојно да формира парламентарно мнозинство, додека во спротивно се потребни коалициски преговори. Собранието ги донесува законите, го усвојува државниот буџет, ја избира Владата и го надгледува работењето на извршната власт. Мандатот на пратениците трае четири години, освен ако Собранието не биде распуштено порано.

На претходните парламентарни избори, одржани на 17 декември 2023 година, биле регистрирани околу 6,5 милиони избирачи, од кои гласале нешто повеќе од 3,8 милиони, односно 58,77 отсто, според податоците на Републичката изборна комисија.

Како се гласа?

Цела Србија претставува една изборна единица, што значи дека гласовите од сите избирачки места се собираат на национално ниво. На гласачкото ливче избирачот го заокружува името на една изборна листа, а не на конкретен кандидат. Доколку заокружи повеќе листи, ливчето се смета за неважечко.

Пред изборите, партиите и коалициите до Републичката изборна комисија поднесуваат листи со кандидати за пратеници, подредени според утврден редослед. По завршувањето на гласањето, мандатите се распределуваат пропорционално на освоените гласови. На пример, ако една листа освои доволно гласови за 20 мандати, во Собранието ќе влезат 20 кандидати од таа листа, според нивниот редослед.

Тоа значи дека гласачите влијаат врз бројот на пратеници што ќе ги добие одредена политичка опција, но не избираат директно кои конкретни кандидати ќе ги заземат пратеничките места.

Кои се главните критики за изборниот систем?

Една од главните забелешки се однесува на влијанието на партиските раководства врз изборот на кандидатите и нивниот редослед на листите. Кандидатите поставени на повисоки позиции имаат поголеми шанси да станат пратеници доколку нивната листа освои доволно мандати.

Ова отвора прашања за одговорноста на избраните претставници – дали нивниот приоритет се граѓаните што гласале за нив или партиското раководство, од чија одлука зависи нивното место на идните изборни листи.

Кои се предностите на системот?

Една од предностите е тоа што целата земја е една изборна единица, што им овозможува на партиите да составуваат национални листи со кандидати од различни региони и општествени групи. Пропорционалниот модел овозможува и помалите политички партии да освојат пратенички места доколку добијат доволна поддршка.

Општиот изборен праг изнесува три отсто, додека изборните листи на националните малцинства се изземени од ова правило и за нив важат посебни услови за распределба на мандатите.

Системот е релативно едноставен за гласачите, бидејќи тие избираат една политичка листа наместо да се определуваат за голем број поединечни кандидати. Сепак, токму фактот што не можат директно да влијаат врз изборот на конкретните пратеници останува една од најчесто посочуваните слабости на ваквиот модел.

Текстот Како функционира изборниот систем во Србија: Граѓаните избираат 250 пратеници, а мандатите се распределуваат пропорционално е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top