Калас: Европа бара разоружување на Русија

Калас: Европа бара разоружување на Русија

пред 3 часа

Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, изјави дека конечниот мировен план за Украина мора да содржи јасни механизми што би спречиле каква било повторна инвазија на Русија. Зборувајќи на BBC Radio 4, таа нагласи дека е потребно Москва да прифати отстапки и да преземе целосна одговорност за војната.

Калас подвлече дека конфликтот не може да се заврши без структурни промени во пристапот на Русија кон меѓународните обврски.

„Ако сакаме ова да заврши засекогаш, навистина ни требаат отстапки од Русија. Не можете само да нападнете друга земја и да не преземете никаква одговорност“, нагласи таа.

Според неа, идниот мировен договор мора да ја вклучува обврската на Русија да ги почитува меѓународните договори, како и намалувањето на бројот на нејзините вооружени сили. Ова, според Калас, е клучот за одржлива безбедност на Украина и Европа.

Осврнувајќи се на можноста за враќање на Русија во Г8, Калас беше недвосмислена:

„Тоа е дефинитивно неприфатливо. Не можеме да се вратиме на вообичаеното работење, како би можеле да го замислите тоа?“

Шефицата на европската дипломатија претходно изјави дека Москва „нема право“ да поставува услови за Киев за време на мировните преговори и дека Европската Унија има „јасен план“ за Украина – во време кога американскиот претседател Доналд Трамп предлага нов модел за решавање на конфликти.

Според Калас, европската политика останува конзистентна: мирот мора да се постигне за Украина да биде трајно заштитена, а Русија да биде спречена да ја повтори агресијата.

Фото: принтскрин

Текстот Калас: Европа бара разоружување на Русија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top