Кац: Иран развива хемиско оружје, Израел е подготвен за напад

Кац: Иран развива хемиско оружје, Израел е подготвен за напад

пред 1 час

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денес изјави дека Иран е „во процес на развој на хемиско оружје“ и дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) се подготвени да ја нападнат таа земја.

Во разговор со новинарите во својот кабинет, Кац рече дека иако Иран не ја реактивирал својата нуклеарна програма од израелско-американските напади врз неговите клучни локации во јуни 2025 година, „постојат знаци дека се обидува да го стори тоа“, објави „Тајмс оф Израел“.

Тој истакна дека Израел „нема да дозволи Иран да се здобие со хемиско оружје“.

„Кога ќе дојдеме до заклучок дека мора да дејствуваме, ќе дејствуваме. Тоа нема да произлегува од политички размислувања“, рече Кац.

Тој рече дека ИДФ и Централната команда на Армијата на Соединетите Американски Држави (ЦЕНТКОМ) „се подготвуваат за заеднички напад“ врз Иран и дека за ова ќе одлучи американскиот претседател Доналд Трамп.

Тој оцени дека нападот врз Иран „значително би го ослабнал режимот и би го забрзал процесот на колапс“ и додаде дека израелската тајна служба Мосад е задолжена за планот за соборување на иранскиот режим.

Кац предупреди дека, покрај заканата со хемиско оружје, Иран би можел да изврши изненадувачки напад врз Израел, а во исто време, како што тврди понатаму, би работел на убивање на Нетанјаху, како и на Трамп и членовите на неговото семејство.

За време на прес-конференцијата, Кац објави дека Израел ќе остане во тампон зоните во Либан, Газа и Сирија што ги освои откако палестинското милитантно движење Хамас го нападна јужен Израел во октомври 2023 година, и двегодишната војна што започна потоа.

Зборувајќи за израелската тампон зона во Сирија, Кац рече за сирискиот привремен претседател Ахмед ал-Шара дека тој е „лукав непријател“ кој „гради капацитети со турска поддршка“.

„Безбедносниот договор со Сирија не е изводлив. Тој не сака мировен договор. Тој сака повлекување“, рече Кац, според Танјуг. Израелските власти претходно изјавија дека операциите во Сирија, меѓу другото, се неопходни за да се спречат терористичките групи да го нападнат северен Израел, како што направи Хамас на југ.

Текстот Кац: Иран развива хемиско оружје, Израел е подготвен за напад е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top