Киев за предлогот на Путин: Зеленски нема да оди во Москва

Киев за предлогот на Путин: Зеленски нема да оди во Москва

пред 2 дена

Предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Москва е неприфатлив, соопшти денес украинската влада.

Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека најмалку седум земји, вклучувајќи ги Австрија, Ватикан, Швајцарија и три земји од Заливот, се подготвени да бидат домаќини на средба меѓу Зеленски и Путин, пренесува Ројтерс.

„Ова се сериозни предлози и претседателот Зеленски е подготвен за таква средба во секое време. Сепак, Путин продолжува да ги лаже сите нудејќи очигледно неприфатливи предлози“, објави Сибиха на својот профил на мрежата Икс.

Порано денес, Путин изјави дека не ја исклучува можноста за средба со Зеленски и предложи средбата да се одржи во Москва. „Ако Зеленски е подготвен за средба, нека дојде во Москва“, рече Путин, додавајќи дека „има светлина на крајот од тунелот“, пренесува РИА Новости.

Тој истакна дека ако преовлада здравиот разум, тогаш може да се постигне договор за тоа како да се заврши војната во Украина на задоволителен начин.

„Во спротивен случај, ќе мора да решиме сè со воени средства“, рече Путин и додаде дека го информирал американскиот претседател Доналд Трамп дека сака да се сретне со Зеленски.

Тој изјави дека е можно да се постигне прифатлива опција за завршување на војната, додавајќи дека сите обиди на Русија мирно да го реши украинското прашање се осуетени.

Тој истакна дека ја гледа искрената желба на администрацијата на Трамп да го реши украинскиот конфликт и го нарече Зеленски „вршител на должноста шеф на администрацијата на Украина“, пренесува Танјуг.

Фото: принтскрин

Текстот Киев за предлогот на Путин: Зеленски нема да оди во Москва е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top