Кина за протечените тајни документи: „Чиста измислица“

Кина за протечените тајни документи: „Чиста измислица“

пред 3 часа

Кина ги отфрли медиумските извештаи дека му дава воена поддршка на Иран, а портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џиан ги нарече „чисти измислици“. Пекинг, исто така, предупреди дека ќе „одговори со контрамерки“ доколку САД воведат дополнителни тарифи врз основа на овие обвинувања, објавија CNN и The New York Times.

На што се темелат обвинувањата?
Иако Џиан не прецизираше на кои извештаи се осврнува, CNN, повикувајќи се на американски разузнавачки извори, објави дека Кина се подготвува да испорача нови системи за воздушна одбрана на Иран во наредните недели.

The New York Times, исто така, објави, повикувајќи се на американски претставници, дека разузнавачките агенции проценуваат дали Кина можеби веќе испорачала преносни противвоздушни ракети на Иран во последните недели. Доналд Трамп изјави дека ќе воведе дополнителна тарифа од 50 проценти на кинески стоки доколку оваа разузнавачка проценка се покаже како точна.

Фајненшл тајмс“ денес објави и дека Иран користел кинески шпионски сателит за таргетирање на американските воени бази. Иран користел кинески сателитски податоци за попрецизно таргетирање на американските воени бази на Блискиот Исток за време на тековниот конфликт, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на разузнавачки извори. „Ројтерс“ исто така ја објави информацијата, но нема официјална потврда од Вашингтон, Пекинг или Техеран.

Според овие наводи, Иран имал пристап до снимки од кинески шпионски сателит што му овозможило многу попрецизно да ги одреди целите. Ова не е само општ надзор, туку податоци што можеле да помогнат во специфичниот избор на цели и планирањето на нападите.

САД веќе предупредија за сателитските снимки од Кина
Доколку се потврдат, тоа би означило значителна промена во капацитетите на Иран, кој досега се потпираше на комбинација од сопствено извидување, беспилотни летала и ограничени сателитски податоци. Информацијата доаѓа по серија претходни извештаи што сугерираат дека Кина, иако официјално неутрална, индиректно му помага на Иран веќе некое време преку технолошки и разузнавачки капацитети.

Американските разузнавачки кругови претходно предупредија дека кинеските компании објавуваат многу детални сателитски снимки од американските воени објекти на Блискиот Исток. Овие слики често се дополнително обработуваат со помош на вештачка интелигенција, што ги прави значително покорисни за анализа и воено планирање.

Сателитот TEE-01B, изграден и лансиран од кинеската компанија Earth Eye Co, беше преземен од воздухопловните сили на Исламската револуционерна гарда кон крајот на 2024 година откако беше лансиран во вселената од Кина, според извештајот, во кој се цитираат тајни ирански воени документи.

Текстот Кина за протечените тајни документи: „Чиста измислица“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top