Кина повикува на почитување на „принципот на неделива безбедност“ во Украина

пред 2 години

Постојаниот претставник на Кина во Обединетите нации, Џанг Јун, ги повика сите земји вклучени во украинската криза да се придржуваат до принципот на „неделлива безбедност“ и да избегнуваат преземање какви било активности што би можеле да ги влошат тензиите, објави кинеската државна телевизија.

„Во сегашниот контекст, сите засегнати страни треба да се воздржат и да избегнуваат преземање какви било активности што би можеле да ги влошат тензиите“, рече Јун на состанокот на Генералното собрание на ОН за Украина.

„Кина со внимание ја следи ситуацијата што се развива во Украина. Позицијата на Кина за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите држави е конзистентна. Заеднички треба да се поддржат целите и принципите на Повелбата на ОН“, подвлече тој.

Џанг ја истакна и сложеноста на украинското прашање.

„Забележуваме дека прашањето за Украина е вкоренето во сложена мрежа на историски и актуелни фактори. Заемната игра на овие фактори ја доведе ситуацијата до оваа точка“, рече тој.

„Кина ги повикува сите страни да ја препознаат важноста од спроведувањето на принципот на неделива безбедност, да продолжат да водат дијалог и консултации и да бараат разумни решенија“, рече тој.

Принципот на неделива безбедност, дефиниран во Хелсиншкиот акт од 1975 година, значи дека безбедноста треба да се гледа како колективен концепт, така што доколку со постапките на една држава се загрозува безбедноста на друга, тој принцип се нарушува.

Кинеската државна телевизија објаснува дека според овој принцип ниту една земја не треба да ја зајакнува својата безбедност на сметка на друга и дека Русија смета дека проширувањето на НАТО на исток ја загрозува нејзината безбедност.

Изјавата на кинескиот претставник во ОН доаѓа како резултат на руската инвазија на Украина.

Share
Scroll to Top