Кошта и Лајен: Безбедноста на Арктикот останува еден од клучните приоритети на Европската Унија

Кошта и Лајен: Безбедноста на Арктикот останува еден од клучните приоритети на Европската Унија

пред 3 часа

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен оценија дека безбедноста на Арктикот останува еден од клучните приоритети на Европската Унија и област во која тие се стремат да соработуваат со сојузниците и партнерите.

„Територијалниот интегритет и суверенитет претставуваат основни принципи на меѓународното право. Овие принципи се од суштинско значење не само за Европската Унија, туку и за земјите ширум светот. Ние сме целосно солидарни со Данска и народот на Гренланд“, изјавија Кошта и фон дер Лајен на Икс.

Порано денес, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека неговата земја инсистира дека сите, вклучително и САД, мора да го почитуваат територијалниот интегритет на Кралството Данска.

Тој го изјави ова по објавувањето на назначувањето на гувернерот на американската држава Луизијана за специјален пратеник за Гренланд од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп вчера објави дека го назначува гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален пратеник за Гренланд, голема полуавтономна данска територија за која претходно рече дека САД треба да ја преземат. Во објавата за назначувањето, Трамп рече дека Ландри разбира колку е неопходен Гренланд за националната безбедност на САД.

Данскиот министер во кратка изјава испратена по е-пошта од неговото Министерство рече дека „назначувањето го потврдува проширениот американски интерес за Гренланд“.

„Сепак, ние инсистираме дека сите, вклучително и САД, мора да покажат почит кон територијалниот интегритет на Кралството Данска“, додаде данскиот министер.

Трамп претходно рече дека Гренланд е клучен за американската безбедност и не ја исклучи можноста за преземање на островот со воена сила, иако Данска е американски сојузник во рамките на НАТО.

Порано овој месец, данската воена разузнавачка служба напиша во годишен извештај дека САД ја користат својата економска моќ за да „ја наметнат својата волја“ и да им се закануваат и на пријателите и на непријателите со воена сила.

Фото: депозитфотос

Текстот Кошта и Лајен: Безбедноста на Арктикот останува еден од клучните приоритети на Европската Унија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top