Кревок мир во Ормутскиот теснец: САД ја чекаат одлуката на Иран

Кревок мир во Ормутскиот теснец: САД ја чекаат одлуката на Иран

пред 3 дена

Релативен мир владее во Ормутскиот теснец по неодамнешните воени активности, додека САД очекуваат одговор од Иран на најновиот предлог за прекин на двомесечниот конфликт и започнување мировни преговори, јавува Ројтерс.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Вашингтон очекува брз одговор од Техеран, но засега нема јасни сигнали дека Иран ќе го прифати предлогот кој би водел кон формален крај на војната пред почеток на преговори за спорните прашања, меѓу кои е и иранската нуклеарна програма.

Дипломатски притисоци и посреднички напори

Во меѓувреме, американската дипломатија продолжува со интензивни контакти со регионалните партнери. Рубио се сретна со катарскиот премиер во Мајами, каде што беше нагласена потребата од соработка за „стабилност и безбедност на Блискиот Исток“.

И Трамп изјави дека очекува „многу скоро“ да се добие одговор од Иран, во услови на зголемен меѓународен притисок за завршување на конфликтот кој веќе предизвика енергетска криза.

Тензии во Персискиот Залив

И покрај дипломатските напори, во регионот продолжуваат ограничени воени инциденти. Последните денови се забележани нови судири меѓу ирански сили и американски пловила, како и напади во пошироката зона околу теснецот.

Иран, според извештаи, привремено одобрил поминување на катарски танкер со течен природен гас, што се толкува како обид за градење доверба со посредниците Катар и Пакистан.

Ормутскиот теснец останува стратешка точка низ која пред кризата минувала околу една петтина од светската нафта, што ја прави ситуацијата клучна за глобалната економија.

Меѓународни реакции и безбедносни подготовки

САД тврдат дека и покрај воените операции, примирјето формално сè уште важи, додека Иран ги обвинува американските сили за прекршувања на договореното.
Во меѓувреме, Абас Аракчи изјави дека Вашингтон продолжува со воена политика наместо со дипломатија.

Обединетото Кралство најави распоредување воен брод во регионот како подготовка за меѓународна мисија за обезбедување на слободна пловидба, откако ситуацијата ќе се стабилизира.

Иако тензиите остануваат високи, дипломатските напори засега ја одржуваат кревката рамнотежа во еден од најважните светски поморски коридори.

Текстот Кревок мир во Ормутскиот теснец: САД ја чекаат одлуката на Иран е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top