Кремљ: Рано е да се очекуваат големи резултати од преговорите за Украина

Кремљ: Рано е да се очекуваат големи резултати од преговорите за Украина

пред 3 часа

Кремљ соопшти дека разговорите меѓу Русија, Украина и Соединетите Американски Држави за ставање крај на војната сè уште се во рана фаза и дека не треба да се очекуваат опипливи резултати.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека би било погрешно да се очекуваат „големи резултати“ од трилатералните разговори што се одржаа минатиот викенд во Обединетите Арапски Емирати. Според него, темите биле тешки, но самиот факт што контактите започнале конструктивно треба да се смета за позитивен.

Според агенцијата ДПА, на првите директни разговори меѓу завојуваните страни по неколку месеци е договорено само продолжување на разговорите по една недела, без утврден датум. АФП, повикувајќи се на неименуван американски функционер, објави дека нова средба се очекува на 1 февруари.

Песков ги негираше тврдењата на американски претставници дека меѓу руската и украинската делегација владеела речиси пријателска атмосфера, оценувајќи дека тоа во оваа фаза е тешко можно.

Тој се осврна и на таканаречената „формула од Анкориџ“, поврзана со самитот на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска во август 2025 година, од кој не беше објавен никаков договор.

Русија бара повлекување на украинските сили од делови на источниот регион Донбас кои сè уште се под контрола на Киев, на што украинската влада се спротивставува. Германскиот безбедносен експерт Нико Ланге оцени дека изгледа оти Трамп дал ветувања кои сега не може да ги исполни, поради што САД вршат притисок врз Украина да прифати отстапки.

Текстот Кремљ: Рано е да се очекуваат големи резултати од преговорите за Украина е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top