Курц: Австрија нема да ја чека ЕУ за „зелените пасоши“

пред 4 години

Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека Австрија нема да ја чека ЕУ во врска со таканаречениот „зелен пасош“ за патување на оние што се тестирани и вакцинирани против Ковид-19.

„Австрија е во предност по ова прашање. Воведувањето во ЕУ ќе трае до летото, а ние нема да го чекаме тоа“, рече Курц за денешниот виенски „Курир“.

Тој посочи дека подготовките се во тек неколку месеци и дека „зелениот пасош“ треба да започне да се применува од 19 мај, кога започнува олеснувањето на епидемиолошките мерки. Секој ќе добие „зелен пасош“ по три недели од приемот на првата вакцина, секој што е тестиран еден до три дена и секој што е излечен од короната, чија инфекција била пред најмногу шест месеци.

На пишувањето на германски „Велт“ дека тој може да биде иден претседател на Европската комисија и на прашањето дали застапувањето за еднаква распределба на вакцините, залагајќи се за Бугарија и Хрватска, е кампања за таа позиција, Курц истакна дека тој се залагал за еднаков третман на сите земји.

„Ја исклучувам можноста да бидам претседател на ЕК во 2024 година“, додаде Курц.

Share
Scroll to Top