Кушнер: Време е да се запрашаме каква корист имаме од партнерството со Израел

Кушнер: Време е да се запрашаме каква корист имаме од партнерството со Израел

пред 4 часа

Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп и еден од неговите најблиски соработници, смета дека Израел треба да го напушти менталитетот на постојана војна и да се фокусира повеќе на економската дипломатија и развојот на партнерски односи со други земји.

Кушнер го изјави ова во интервју за подкастот „MD Meets“, чиј водител беше Матијас Депфнер, извршен директор на медиумската компанија Аксел Спрингер.

„Мислам дека Израел навистина треба да се фокусира на излегување од менталитетот на постојана војна. Мислам дека треба да се фокусира на економската дипломатија. Треба да почнеме да размислуваме за тоа какви се придобивките од партнерството со Израел“, рече Кушнер.

Зборувајќи за зголемувањето на антисемитизмот и омразата во светот по 7 октомври, Кушнер оцени дека голем дел од ваквите феномени се поврзани токму со настаните во Газа.

„Забележав пораст на глобалниот антисемитизам и омраза што се појави по 7 октомври и војната во Газа. За мене, тоа е многу едноставно. Мислам дека голем дел од тоа започна во Газа. Не мислам дека можеме да очекуваме луѓето да продолжат понатаму сè додека не се реши прашањето за Газа“, рече тој.

Тој истакна дека нема бизнис интереси во Русија, Украина или Газа и дека се ангажира исклучиво со намера да им помогне на жителите на палестинската енклава.

„Немам бизнис интереси во Русија или Украина. Немам бизнис интереси ниту во Газа. Се ангажирам во Газа исклучиво за да се обидам да му помогнам на нејзиното население“, рече Кушнер.

Зборувајќи за иднината на Газа, тој рече дека реконструкцијата треба да се искористи како можност за создавање сосема нова социјална и економска средина.

„Добрата работа во врска со војната е што Газа дефинитивно треба да се обнови. Па зошто да се изгради онаква каква што беше? Ајде да ја изградиме во нешто ново“, рече тој.

Тој додаде дека постои група Палестинци кои размислуваат како сакаат да го обноват сопственото општество.

„Ги поврзавме со Обединетите Арапски Емирати и други места за да разговараме како да се создаде соодветен сет на правила и закони што би овозможиле воспоставување систем за управување со квалитет, привлекување капитал и инвестиции“, објасни тој.

Кушнер, исто така, ја презентираше идејата за идна економска соработка во регионот, вклучително и изградба на центри за податоци и енергетски централи во областа на Синај.

„Ако можеме да го решиме проблемот со Газа, ајде заедно да изградиме центри за податоци и енергетски капацитет во Синај. Да најдеме начин да воспоставиме мирен однос што ќе донесе економски придобивки за сите луѓе“, заклучи Кушнер.

Текстот Кушнер: Време е да се запрашаме каква корист имаме од партнерството со Израел е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top