Лавров: Зеленски мора да дојде во Москва ако сака средба со Путин

Лавров: Зеленски мора да дојде во Москва ако сака средба со Путин

пред 2 часа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе мора да отпатува во Москва доколку сака директна средба со рускиот претседател Владимир Путин. Ова повторно го порача шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, нагласувајќи дека Москва е подготвена да ја гарантира безбедноста на украинскиот претседател.

Лавров истакна дека Путин повеќепати изјавувал оти е подготвен да се сретне со Зеленски, и покрај случувањата во изминатите шест години, откако украинскиот лидер дојде на власт.

„Тој тоа го рече откако Зеленски повика на директна средба. А претседателот Путин одговори дека ако Зеленски сака да се сретне, треба да дојде во Москва; ние ќе ја обезбедиме неговата безбедност“, изјави Лавров на прес-конференција по првиот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Атланта.

Од друга страна, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха претходно изјави дека Зеленски е подготвен да се сретне со Путин и директно да разговара за територијалните прашања во рамки на напорите за завршување на војната, но дека средбата не може да се одржи во Москва.

Во интервју за финскиот весник „Хелсингин Саномат“, Сибиха рече дека за Киев местото на средбата не е од клучно значење, под услов тоа да не биде Москва или Белорусија. Тој со шеговита забелешка додаде дека можеби треба да се исклучи и Северна Кореја.

Сибиха ја оцени руската покана до Зеленски да дојде во Москва како „несериозна“.

Текстот Лавров: Зеленски мора да дојде во Москва ако сака средба со Путин е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top