Крузерот „Crown Iris“, кој требало да исплови од грчкото пристаниште на островот Сирос кон Хаифа во Израел, во вторникот бил евакуиран откако била пријавена бомба. Според информации од грчкиот јавен сервис ЕРТ, дојавата се покажала како лажна. Претресот на бродот е завршен, не се пронајдени експлозиви, а патниците се вратиле на бродот.
Евакуација на повеќе од 1.500 луѓе
На бродот, кој плови под панамско знаме, имало 940 патници и 597 членови на екипажот. Евакуацијата на вкупно 1.537 лица започнала веднаш по 19:00 часот по локално време. Патниците биле сместени во простори обезбедени од општините Сирос и Ермуполи, каде што чекале да завршат безбедносните проверки.
Анонимна дојава преку радио-врска
Непознато лице преку VHF радио-врска го известило екипажот дека на подводниот дел од бродот има експлозивна направа. Капетанот веднаш ги известил пристанишните власти, по што припадници на крајбрежната стража извршиле претрес на крузерот. Во претресот учествувале приватен нуркач и куче обучено за откривање експлозиви, а на лице место била испратена и специјална единица на крајбрежната стража.
Претресот завршен, не се пронајдени експлозиви
При претресот на бродот не била пронајдена никаква експлозивна направа. По завршувањето на безбедносните проверки, на патниците им било дозволено да се вратат на бродот.
Дојавата за крузерот пристигнала истиот ден кога најмалку седум авиони ширум Европа добиле закани за поставени бомби. Овие закани предизвикале нарушувања во воздушниот сообраќај, но во ниту еден од случаите не биле пронајдени експлозиви.
Текстот Лажна дојава за бомба на крузер во Грција: евакуирани повеќе од 1.500 луѓе е превземен од МАКФАКС.




