Лекарите до Трамп: Дајте ги клучните информации за Ковид-19

пред 3 години

Членови на лекарски здруженија апелираат до администрацијата на Трамп да ги сподели клучните податоци за Ковид-19 со преодниот тим на новоизбраниот претседател.

Со ова, како што велат, би се избегнале непотребните одложувања во решавањето на проблемот со пандемијата, додека во меѓувреме расте бројот на заразени и хоспитализирани пациенти.

Членови на неколку медицински здруженија испратија писмо со предупредување дека за време на зимата може да се случи нов бран на смртни случаи од Ковид-19 и дека ширењето на инфекцијата и бројот на хоспитализирани пациенти може да достигнат на највисоко ниво досега.

Во писмото се наведува дека споделувањето информации поврзани со пандемијата е од клучно значење за спасување огромен број животи, пренесе Ројтерс.

Писмото е испратено еден ден откако Бајден предупреди дека повеќе луѓе можат да умрат доколку претседателот во заминување Доналд Трамп продолжи да ја блокира промената на владата.

Во Соединетите држави, бројот на заразени надмина 11 милиони во неделата. Локалните власти во неколку држави и градови воведоа нови ограничувања на затворени собири во обид да го спречат ширењето на болеста.

Share
Scroll to Top