Лекарите на приведениот руски опозициски лидер Алексеј Навални побараа од него веднаш да го прекине штрајкот со глад, предупредувајќи дека во спротивно може да умре, пренесува Радио Слободна Европа.
Според нивната изјава, им биле прикажани резултатите од неговите медицински тестови спроведени на 20 април.
„Ако штрајкот со глад продолжи, макар и на минимално време, за жал, наскоро едноставно нема да имаме време да го лекуваме“, кажаа тие, пренесува Би-Би-Си.
44-годишниот Навални е во затвор од февруари и бара лекарска помош поради акутна болка во грбот и вкочанетост на нозете. Тој штрајкува со глад повеќе од 20 дена.
Лекарите, на кои им е забранет пристапот до Навални, велат дека нивните заклучоци се засноваат на резултатите од медицинските тестови од вторникот, кои се опишани како повеќе или помалку независни. Тестовите биле извршени во болница во градот Владимир, источно од Москва, пренесува Радио Слободна Европа.
Лицата кои го лекуваа лидерот на опозицијата пред да биде затворен, предупредуваат дека проблемите со бубрезите и нервниот систем сугерираат дека тој ќе умре ако штрајкот со глад продолжи уште малку.
Тие велат дека Навални треба веднаш да го прекине штрајкот со глад за да си ги спаси животот и здравјето. Тие исто така бараат пристап до пациентот. Руските власти пак јавно не ја коментираа нивната изјава.
Во објава на Инстаграм претходно оваа недела, Навални им кажа на своите следбеници: „Ќе се смеете ако сега ме гледате. Скелет се сопнува околу неговата ќелија“.
Навални започна штрајк со глад во знак на протест затоа што затворските власти не му дозволија да го прегледа приватен лекар, поради силна болка во грбот и губење на чувство во нозете.