Француската десничарска политичарка Марин Ле Пен изјави дека Украина не треба да стане членка на Европската Унија, оценувајќи дека иднината на земјата под никакви околности не вклучува влез во европскиот блок.
Таа исто така рече дека нарекувањето на рускиот претседател Владимир Путин воен злосторник ги отежнува мировните преговори.
Во интервју за „Индија Глобал Ривју“ (IGR), Ле Пен јасно го изрази своето противење на европската интеграција на Украина.
„Не мислам дека Украина треба да се приклучи на Европската Унија“, рече таа, нагласувајќи дека членството во ЕУ не треба да биде дел од иднината на земјата.
Кога станува збор за НАТО, Ле Пен рече дека ова прашање треба да биде предмет на тековните мировни преговори.
Зборувајќи за рускиот претседател Владимир Путин, таа ја отфрли проценката дека тој е воен злосторник, тврдејќи дека таквата реторика не придонесува за наоѓање мирно решение.
„Ваквите сеопфатни изјави се всушност смешни и спротивни на желбата за мир“, рече Ле Пен.
Сепак, таа призна дека Русија ја започнала војната и дека Украина е нејзина жртва. Како можен чекор кон прекин на конфликтот, таа предложи Франција да организира голема меѓународна мировна конференција.
Текстот Ле Пен: „Украина нема што да бара во ЕУ“ е превземен од МАКФАКС.




