Литванскиот претседател до Блинкен: Русија треба да се запре, инаку ќе следи Трета светска војна

пред 2 години

Литванскиот претседател Гитанас Наузеда денеска го предупреди министерот за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен дека неуспехот да се запре руската агресија во Украина ќе доведе до глобален конфликт.

Наузеда му се обрати на американскиот државен секретар, кој е во посета на балтичките земји, велејќи дека рускиот лидер Владимир Путин нема да застане во Украина и дека светот има обврска да им помогне на Украинците со сите расположливи средства.

„Навистина со сите средства мислам ако сакаме да ја избегнеме третата светска војна. Изборот е во наши раце“, изјави Наузеда во разговорот со Блинкен.

Членката на НАТО, Литванија испрати воена помош за Украина и прифати помал број украински бегалци од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.

По Литванија, Блинкен во понеделник и вторник треба да ги посети и соседните Латвија и Естонија.

Белорусија, која граничи со Литванија и Латвија, и дозволи на Русија да изврши напад од нејзина територија, откако руските трупи со недели беа стационирани во земјата под маската на воени вежби.

Претходно, шефот на американската дипломатија пред вработените во американската амбасада во Вилнус изјави дека руската инвазија на Украина ги прекршила основните принципи создадени за одржување на мирот меѓу земјите.

„Важно е луѓето да видат што навистина е во прашање овде, и тоа да е пошироко од Украина, пошироко од балтичките земји, па дури и пошироко од Европа“, рече Блинкен.

Некои дипломати кои работат за американската амбасада во Белорусија се исто така во Вилнус, откако дипломатската мисија беше затворена минатата недела од безбедносни причини.

Минатата година, Белорусија му забрани на амбасадорот Фишер да ја преземе функцијата и му рече на Вашингтон дека ќе го намали бројот на американскиот дипломатски персонал како одговор на американските санкции, откако белорускиот лидер Александар Лукашенко ги задуши протестите во 2020 година.

Share
Scroll to Top