Лукашенко му се заблагодари на Путин за поддршката: Белорусија уредно ќе го отплаќа заемот

пред 3 години

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, му се заблагодари на неговиот руски колега, Владимир Путин, за сериозната поддршка од Русија и изјави дека Белорусија уредно ќе ги отплати заемите.

На состанокот во Санкт Петербург, Путин ја пофали Белорусија како сигурен и стабилен партнер.

Белоруската економија, веќе ослабена од пандемијата на коронавирусот, е дополнително погодена од санкциите наметнати од Европската Унија затоа што белоруската влада принуди патнички авион на меѓународна рута да слета на аеродромот во близина на Минск на 23 мај за да го уапси опозицискиот активист Роман Пратасевич.

Лукашенко ги осуди санкциите и најави дека, како одмазда, Белорусија ќе ја прекине соработката со ЕУ за запирање на илегалната миграција.

Литванија, членка на ЕУ што им обезбеди засолниште на белоруските опозиционери, ги обвини белоруските власти за намерно испраќање мигранти од Ирак, другите земји од Блискиот исток и Африка.

Граничната служба на ЕУ „Фронтекс“ вети дека ќе ја засили поддршката за Литванија за да и помогне да запре бранот мигранти кои пристигнуваат од Белорусија.

Белорусија е погодена од неколкумесечни протести предизвикани по реизборот на Лукашенко за шести мандат по изборите во август 2020 година, за кои како што пренесоа агенциите, се верува дека се наместени. Властите одговорија на демонстрациите со масовна репресија, апсејќи повеќе од 35. 000 луѓе. Водечките опозициски фигури или биле затворени или принудени да ја напуштат земјата, пишуваат тамошните медиуми.

Share
Scroll to Top