Луѓето чекаат во ред со часови за да го видат телото на папата Франциско

Луѓето чекаат во ред со часови за да го видат телото на папата Франциско

пред 1 година

Речиси 20.000 луѓе во првите неколку часа поминаа покрај отворениот дрвен ковчег во кој лежеше папата Франциско, соопшти Ватикан. Многу повеќе се очекуваат во деновите пред погребот в сабота.

Италија подготвува голема безбедносна операција за погребот, а светските лидери, вклучително и американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, се очекува да им се придружат на стотиците илјади ужалени.

Франциско почина во понеделникот по 12 години поглавар на 1,4 милијарда католици во светот за време на кои се прослави како папа на маргинализираните.

Ужалените чекаа во ред до четири часа во средата за да се простат од него. Тој е облечен во папска облека, со бројници меѓу прстите.

Секој може да биде до ковчегот и до неколку секунди, а многумина набрзина го овековечија моментот на своите паметни телефони.

Аргентинецот Федерико Руеда (46) изјави дека и покрај налетот на моментот, нема да ја пропушти можноста.

„Вреди да пропуштите други работи за да се збогувате со многу достоен папа“, рече тој додека гордо стоеше облечен во дресот на актуелниот светски шампион, аргентинската фудбалска репрезентација.

Мексиканецот Леобардо Гевара (24), обвиен со знамето на неговата земја, рече дека има чувство на мир додека поминувал покрај телото на првиот папа од американскиот континент.

Франциско, енергичен реформатор, кој ги презеде уздите на Црквата во 2013 година, почина во понеделникот на 88-годишна возраст по мозочен удар.

Тој почина во својата резиденција во Куќата на света Марта во Ватикан помалку од еден месец откога беше пуштен по пет недели во болница поради пневмонија.

Ковчегот на Франциско најпрво беше изложен на ватиканските службеници и свештенството во капелата Света Марта, пред да биде преместен во базиликата Свети Петар во средата во поворка во која беа кардинали, свештенство и швајцарска гарда.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони беше меѓу оние што му оддадоа почит во средата, а на погребот ќе присуствуваат десетици светски лидери и високи личности.

Меѓу нив се и аргентинскиот претседател Хавиер Мајли и британскиот принц Вилијам. Русија, која со векови има ладни односи со Ватикан, најави дека ќе го испрати својот министер за култура.

Надлежните очекуваат до 170 странски делегации, па го зголемија обезбедувањето на погребот.

По погребот, ковчегот на Франциско ќе биде однесен во неговата омилена црква, римската папска базилика „Света Марија Велика“.

Во тестаментот тој побарал да биде погребан во земја, а неговиот едноставен гроб да биде означен само со еден збор: Франциско.

По тоа, сите очи ќе бидат насочени кон процесот на избор на наследникот.

Кардиналите од целиот свет се враќаат во Рим на конклавата, која ќе почне не помалку од 15 и не повеќе од 20 дена по смртта на папата.

Право на глас имаат само оние помлади од 80 години, во моментот речиси 135 кардинали.

Кардиналите се согласија традиционалните девет дена жалост за папата, таканаречените novemdiales, да почнат в сабота и да завршат на 4 мај.

За четврток наутро е закажан уште еден состанок на сите кардинали, без разлика на возраста.

Сепак, Ватикан ги намали надежите за објавување датум за конклавата инсистирајќи дека фокусот е на погребот.

Текстот Луѓето чекаат во ред со часови за да го видат телото на папата Франциско е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top