Макрон најавува нови мерки во Франција, во Париз максимално ниво на тревога

пред 3 години

Францускиот претседател Емануел Макрон најави воведување нови ограничувачки мерки со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, откако во Франција е забележано досега најголемо дневно зголемување на бројот на заболени од скоро 19 илјади.

„Кога вирусот циркулира со оваа брзина, нови ограничувања се неизбежни“, рече Макрон во интервју за двете најголеми француски телевизии, пренесува „Ројтерс“.

Мерките најпрво ќе бидат воведени во Лион и Лил. Францускиот министер за здравство Оливие Веран ќе ја објави одлуката на прес-конференција во текот на денот, кога станува збор за мерките во овие два града, но сè уште не е познато како ќе изгледаат новите ограничувања.

Претставници на Министерството за здравство не беа достапни за коментар, објави лондонски „Гардијан“, повикувајќи се на Ројтерс.

Париз и Марсеј го зголемија нивото на тревога на максимум. Први што го почувствуваа тоа беа кафулињата во француската престолнина, кои мораа да бидат затворени две недели, а рестораните требаше да бидат подложени на специјални санитарни прегледи за да останат отворени.

Share
Scroll to Top