Макрон: Само Украина може да одлучува за своите територии

Макрон: Само Украина може да одлучува за своите територии

пред 4 часа

Европските лидери во понеделник му дадоа поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски по американско-украинските разговори за мировниот предлог кој првично беше во корист на Русија, додека претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп се упати кон Москва на разговори во Кремљ.

Зеленски беше топло пречекан во Париз од францускиот претседател Емануел Макрон, а двајцата им се придружија на десетина европски лидери, меѓу кои и од Велика Британија, Италија, Полска и Европската Унија, во телефонски разговор.

„Војната мора да заврши што е можно поскоро. Сега многу зависи од вклученоста на секој лидер“, напиша Зеленски на Икс.

Макрон објави фотографија со украинскиот лидер пред почесната гарда во Елисејската палата.

По средбата со Макрон, Зеленски изјави дека приоритетите на Украина во мировните преговори се одржување на суверенитетот и обезбедување силни безбедносни гаранции.

Тој, исто така, ги повика сојузниците на Киев да спречат Русија да биде наградена за војната што ја започна. Тој истакна дека територијалните прашања претставуваат најголем предизвик во преговорите.

Украинскиот лидер, исто така, изјави дека се надева дека ќе разговара со американскиот претседател Доналд Трамп откако специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, ќе ја посети Русија.

Францускиот претседател нагласи дека само Украина може да одлучува за своите територии во мировните преговори. Тој додаде дека Русија не покажува знаци дека ќе ја запре својата агресија.

Мировниот план меѓу Русија и Украина, рече тој, може да се финализира само со учество на Киев и европските партнери.

„За прашањата за замрзнатите средства, безбедносните гаранции, пристапувањето кон Европската унија и европските санкции, (овој план) може да се финализира само со Европејците на маса. Значи, сè уште сме во прелиминарна фаза“, рече Макрон.

Текстот Макрон: Само Украина може да одлучува за своите територии е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top