Вкупно 195 осомничени лица се приведени во операции на турските безбедносни сили против организираниот криминал, објави турската државна телевизија ТРТ Хабер, повикувајќи се на соопштение на Министерството за внатрешни работи.
Операциите ги спроведоа екипи на одделите за борба против шверцот и организираниот криминал (КОМ) при Генералната дирекција за безбедност, под координација на јавните обвинителства во Адана, Анкара, Баликесир, Елазиг, Газиантеп, Истанбул, Коџаели, Коња, Малатија, Мугла, Невшехир, Ризе, Шанлиурфа и Ван.
Против сите 195 приведени лица се поведени судски постапки. Тие се осомничени дека се членови на вооружени нелегални криминални групи, како и дека преку закани и принуда остварувале незаконска материјална корист и обезбедувале логистичка поддршка за организирани криминални групи што се займаваат со трговија со оружје и муниција.
За време на акцијата биле запленети 41 пиштол, 16 пушки, пет пиштоли за испукување маневарска муниција, две оружја со долга цевка, како и големо количество муниција, рамки и делови за оружје.
Текстот Масовна акција во Турција: Приведени 195 лица и запленето големо количество оружје е превземен од МАКФАКС.





