Медицинските уреди попрецизно работат на белци, предупреди британскиот министер за здравство

пред 2 години

Велика Британија денеска повика на меѓународна акција по прашањето на медицинските уреди како што се оксиметрите, кои според тамошните истражувања, подобро функционираат на луѓе со посветла боја на кожата.

Според британските здравствени власти, ваквиот пропуст, би можел да ги чини живот пациентите од етничките малцинства, особено за време на пандемијата со коронавирус.

Британскиот министер за здравство, Сајид Џавид, рече дека побарал истрага за проблемот откако дознал дека оксиметрите, кои го мерат нивото на кислород во крвта и се клучни за следење на состојбата на ковид-пациентите, даваат понепрецизни податоци за пациентите со потемна кожа.

„Ова се случува систематски ширум светот“, рече Џавид, додавајќи дека тоа е расен проблем поврзан со медицинските помагала, за што, како што кажа, оксиметарот е добар пример.

Џавид рече дека е можно луѓе да починале од Ковид-19 како резултат на овој недостаток, но додаде дека за тоа нема темелни факти.

Според него, причината за несовпаѓањето лежи во фактот што голем број медицински уреди, лекови, процедури и учебници доаѓаат од земји со претежно бело население.

„Сакам да се погрижам да направиме нешто околу тоа, но не само во Британија. Ова е меѓународен проблем и затоа ќе работам со моите колеги ширум светот за да го сменам ова“, рече Џавид и додаде дека за проблемот веќе разговарал со американскиот министер за здравство, кој исто така покажал голем интерес за таа тема.

 

Share
Scroll to Top